Охрид, 5. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 12 ноември 2015 во Охрид, во присуство и со говор на тогашниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, беше поставен камен темелник и започна изградбата на новиот капитален објект – затворен пливачки базен.
Инвестицијата е вредна 298 милиони денари, или околу пет милиони евра, а требаше да заврши за 30 месеци.
Инвеститор е Агенцијата за млади и спорт, а го гради скопската фирма „Бауер”.
– Ние ветивме и за разлика од другите не заборавивме на ветеното. Зборот си е збор и ние држиме до зборот. По тоа сме и препознатливи кај народот, истакна Груевски, означувајќи го почетоткот на изградабата на затворен базен во спортско рекреативниот центар „Билјанини извори“.
Според проектот, објектот ќе има два базени, фитнес клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален и административен простор, кафетерија, спа и велнес центар и голем подземен магацински простор.
Се гради по стандарди и технологија за изградба базенски корита која досега не е применета на ниту еден ваков објект во Македонија, а ќе биде и енергетски ефикасен со инсталирана соларна опрема и геотермални пумпи кои ќе го направат неговото користење во зима поевтино.
– За 30 месеци ќе се изгради затворен пливачки комплекс кој ќе опфаќа два базена, од кои еден помал за деца и за обука на непливачи и еден поголем базен со ватарполо димензии. Покрај базените, комплексот ќе располага со трибина со капацитет од 500 седишта, помошни простории за фитнес клуб, спа и велнес центар, простор за пинг-понг, продавница за спортска опрема, ресторан, игротека и комерцијален административен простор, истакна тогаш Груевски.
Денеска е 5 април 2017 година. Поминати се 17 месеци, повеќе од половината од “ветеното” време, односно рокот за изградба. Што е изградено, се гледа од фотографијата со денешен датум, иако,пректично, ништо не се гледа и не навестува како ќе изгледа новиот стратешки објект во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива