јули 15, 2019

Охрид, 15. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Утревечер ќе биде промовирана песнарката „Охридски музички бисерник“, а ќе се одржи и Jam session, во чест на младиот охридски музичар Андреј Лаброски.

Настанот е дел од алтернативното културно лето во Охрид, „Културолошка иницијатива 5 до 12“.
Јован Поп Стефанија, другар и соученик со Андреј во основното музичко училиште во интервју за Супер радио вели дека тој се истакнувал над другите, но дружељубив и подготвен на секој да му подаде рака. Оваа песнарка е негово животно дело.

– Со Андреј се познаваме од основно музичко, беше најдобар во генерација, во класата на професорот Гоце Гаврилоски. Ги земаше сите награди на општинско, државно ниво, но и надвор. Се истакнуваше над другите, но беше дружељубив човек кој секому знае да подаде рака да помогне, да сослуша. Не спои староградската музика, а шест години членуваше во „Билјана Јуниор“.Имавме многу планови, за жал се случи тоа што се случи, сега во негова чест го промовираме ова негово животно дело. Во мелографирање на делото користеше компјутерска технологија и навистина направи врвно дело единствено од ваков вид во земјава, потенцира Поп Стефанија.

Песнарката ги содржи мелографирани сите песни снимени од нашите претходници, односно ансамблот „Билјана“ под раководство на Кузман Поп Стефанија. Содржи 66 композиции, од кои 62 песни и 4 ора.

Промоцијата ќе се одржи во Кадмо бар со почеток во 20:00 часот, а промотор ќе биде хроничарот на градот и новинар Владо Жура. По ова, од 21:00 часот ќе се одржи Jam Session на кој ќе настапат локални музичари.

Песнарката „Охридски музички бисерник“ ќе се продава по цена од 400 денари, а дел од средствата од продажбата ќе бидат наменети за помош за лекувањето на младиот музичар од Струга, Мартин Стојаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука