ноември 17, 2017

Струга, 17. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – При редовна контрола за квалитетот на водата за пиење, што ја изведуваат екипи на Центарот за јавно здравје од Охрид, забележана е голема матност на водата од струшиот водовод.

Според тој параметар и според пропишаниот правилник за безбедност на водата за пиење, беше забележана 3-4 пати поголема матност на водата од дозволената, која изнесува 1,5 ntu (нефелометриски единици на заматеност), рече директорот на охридскиот Центар за јавно здравје, Сашо Точко.

– Од наша страна веднаш реагиравме до инспекциските служби, кои издадоа решение за забрана за користење на водата од градскиот водовод. Ова не е прв ваков случај. Проблем во Струга имаше и пред шест месеци кога имаше иста ситуација. Поради обилните дождови се заматува извориштето и водата која се користи во градскиот водовод е матна и небезбедна за пиење, потенцира Точко.

Тој упати апел до стружани да не ја користат водата за пиење, да ги следат информативните програми, се додека не биде констатирано од стручните екипи од центарот и од инспекциските служби дека водата е избистрена и дека слободно може да се пие. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука