Поради одбивање да им продаде алкохол, нападната продавачка и нејзиниот сопруг
јули 18, 2017

Охрид, 18. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид поднесе кривична пријава против три лица од Охрид, на возраст од 22 и 23 години, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „насилство“.

Пријавените, казненото дело го сториле на 22-ри минатиот месец околу 21 часот пред продавницата „Гобекс“, во охридското село Лескоец, во момент откако вработената им кажала дека не е дозволено купување алкохолни пијалоци.
Тогаш, пријавените, почнале непристојно да се однесуваат и со пцовки да ја навредуваат, по што и физички ја нападнале заедно со нејзиниот сопруг, кој бил во непосредна близина и побарал од нив да престанат со навредите.

Во нападот, еден од пријавените го нападнал сопругот со метална лопата и му задал повеќе удари во пределот на десната рака и главата, а потоа и на уште две други лица кои сакале да го оттргнат.

Повредените се пренесени на хируршкото оделение во Општа болница Охрид, каде им е укажана неопходната медицинска помош. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука