мај 9, 2017

Охрид, 9. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Стрелачкиот клуб од Охрид има бројни таленти, кои треба да го претставуваат градот на првенства и натпревари, но се соочува со главниот проблем, финансиските средства, велат од клубот.

Во втората половина од мај и почетокот на јуни на клубот му претстои Државното првенство во Скопје, како и меѓународни натпревари во странство, но неизвесно е учеството на охридските стрелци. Од националната програма, државно првенство во сите категории ќе се одржува во Скопје, на 3 јуни, за кое активно се подготвуваат членовите на Стрелачкиот клуб „Охрид“. Од меѓународната програма, како предизвик за наредниот период за охридските стрелачи, се меѓународен натпревар, кој ќе се одржува во Минхен од 17 до 24 мај. Исто така јуниорско првенство ќе се одржува во Германија, од 6 до 22 јуни.

– Досега, за жал, не сме добиле помош од никого, девојките сами се снабдуваат со сета потребна опрема, одвојуваат од сопствени средства за промена на оружје. Со години ништо не е подновено во клубот. А и повеќе од потребно ни е ново оружје. Да не зборуваме како е на запад, колку е модернизирано сé во стрелачките клубови. Кас нас, се натпреваруваме со застарено оружје. Се соочуваме и со проблеми поради присилно барање од други клубови, нашите спортисти да се префрлат кај нив, велат од клубот и воедно апелираат до надлежните и локалната заедница на финансиска помош за подобрување на условите за тренирање на младите.

Додаваат дека федерацијата како да ги оставила на маргините стрелците од Охрид, кои или се откажуваат од овој спорт или се префрлаат во скопски клубови за да просперираат. Од Стрелачкиот клуб „Охрид“ додаваат дека, претставува вистинска штета за децата кои се квалитетни во овој спорт, но треба да им се овозможи да се докажуваат како на државни така и на меѓународни натпревари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука