Струга, 18. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за лица со посебни потреби „Порака нова” од Струга и годинава ќе го одбележи 21 март- Светскиот ден посветен на лицата со Даунов синдром.
Оваа година мотото е „Мојот глас моја заедница”. Здружението за одбележувањето на овој ден организира активности за будење на свеста кај луѓето дека лицата со Даунов синдром треба да бидат третирани соодветно. Освен кампањата која ја прават преку социјалните мрежи, активисти на „Порака нова“, во вторник, 21 март, ќе поделат флаери низ градот.
Годинашната тема на Светскиот ден на Дауновиот синдром е оспособување на луѓето со Даунов синдром да проговорат, да бидат чуени и да влијаат на владините политики и дејствувања, да бидат целосно вклучени во заедницата.
Дауновиот синдром е конгенитално нарушување, при кое лицата со овој синдром во клетките имаат 47 место 46 хромозоми. Место по два хромозоми кои сочинуваат 21 пар, во клетките на овие луѓе има 3 хромозоми, од кои два хромозоми прават 21 пар, а третиот е вишок. Поради ова Дауновиот синдром уште се нарекува и Тризомија 21. Дауновиот синдром се јавува кај сите раси и економски нивоа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива