Охрид, 3. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Врнежите од дожд што ги имаше изминатите денови малку, но сепак позитивно се одразија на хидролошката состојба на Охридското Езеро.
За четири дена нивото порасна за 4 сантиметри. Сепак состојбата и понатаму е алармантна со оглед на тоа што водостојот е многу блиску до минимално дозволениот, а многу далеку од просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,11 м.н.в, што е пак за 21 сантиметар под просечното ниво за овој месец (693,32 м.н.в) и само еден сантиметар над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 9,5 степени и е минимално повисока од просечната.
Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress започнавме со рубриката „До кај сме“ каде секој ден ќе објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.
Во Охрид денес сончево и тивко време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 8 степени.
– Следува период на променливо облачно и претежно тивко време со појава на магла и ниска облачност по одделни котлини. Од среда кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР