Киев, 13. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Тројца цивили и 8 војници загинаа во источна Украина во текот на последните 24 часа, соопштија претставници на владата и бунтовниците, ден по потпишувањето на мировниот договор.
Сепаратистичките власти соопштија дека при бомбардирање загинале тројца цивили, а петмина се повредени во бунтовничкото упориште Луганск. Украинската војска јавува за 8 убиени војници и 34 повредени во конфликтната зона. Овие жртви се првите кои беа јавно објавени откако проруските бунтовници и Киев се договорија за мировен план во четвртокот во белоруската престолнина Минск меѓу лидерите на Русија, Украина, Франција и Германија.
Пред примирјето, украинската армија изјави дека најжестоките борби се фокусирани на стратешкиот град Дебалцево каде бунтовниците се обидуваат да ги опколат владините трупи. (Крај)
извор: ОхридПрес/АФП фото: АП