Вевчани, 3. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Течат последните подготовки за годинешното издание на традиционалниот Вевчански карневал, каде вевчанци преку маските со векови наназад „го бркаат злото“.
Од Општина Вевчани и за оваа година најавуваат прекрасно издание со одлична програма која ќе ги задоволи вкусовите на сите посетители и учесници.
– Музичката програма за овогодинешното издание на Вевчанскиот карневал полека, но сигурно се крчка. Ќе биде полна со македонска музика и легендарни музичари. Започнуваме со објавување на дел од артистите и се надеваме дека сите вкусови ќе ги задоволиме. Легендите на македонскиот Рок енд Рол – Ласт Експедишн на 12-ти, кога ќе настапи и Венко Серафимовски (Конкорд) и проектот Deep Purple and Led Zeppelin трибјут кои ќе не движат и развеселат низ музичко патување од младоста. Во четврток и Фиц ќе пее за „кучето мое“ и „ладна како Кока Кола“ додека го придружуваат Д’Инвизиблс. На 13-ти ќе настапи легендата на македонската народна музика, кралот на тамбурашите Нино Величковски и кумановските тамбураши, за прв пат на Вевчанскиот карневал доаѓа бенд од Грција, Егејска Македонија, „Банда Ен Топика“, кои многу вешто го свират нашето народно македонско и балканското музичко богатство, испреплетено со џез стандарди, а локалната ѕвезда и шоумен Перо Бели, како на сите убави поводи ќе ја има честа да ја затвори музичката програма на годинешното издание на Вевчанскиот карневал, откриваат дел од програмата организаторите.
Вевчанскиот карневал, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. Тој е еден од најпознатите брендови на Република Македонија од овој вид, кој традиционално се одржува на 12-ти, 13-ти и 14-ти јануари. Така е со векови, а можеби и со милениуми, една од најстарите традиции на Македонија и Вевчани која се претпоставува дека има континуитет најмалку 1500 години. Постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но веќе години наназад има и богата музичка програма.
На 12-ти јануари веќе традиционално се организира програма од забавна музика, на 13-ти од народна музика и сето тоа испреплетено со традиционалното дефиле на маски. Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва Горна и Долна маала, што ќе се одржи во на 13-ти јануари. Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14-ти јануари.
Од Општина Вевчани очекуваат масовна посетеност на карневалот и во типично Вевчански стил порачуваат „Спремете ги суратите!“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес