Скопје/Прилеп, 29. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Клиниката за детски болести во Скопје потврди дека детето од Прилеп кое на клиниката било хоспитализирано на 20 јануари, е со позитивен наод на Западно-нилска треска (West Nile Virus), односно IgM и IgG позитивен наод.
Во тек е испитување на втор серум, заради следење на динамиката на титарот на антитела и утврдување на фазата на болеста, пренесува МИА.
Во Центарот за јавно здравје во Прилеп се вршат сите епидемиолошки истражувања. Од Центарот информираат дека ова е прв случај на Западно-нилска треска во Прилеп, додека во Македонија, од 2011 кога беше регистриран првиот случај, до денес вкупно се регистрирани 19 случаи на заболени со три смртни исходи.
Според сознанијата на Центарот за јавно здравје, детето прво било лекувано во Прилепската градска болница и откако сфатиле дека состојбата не му се подобрува, го испратиле на лекување на Детската клиника во Скопје.
Во меѓувреме, на Клиниката за инфективни болести во Скопје починало 12-годишно дете од свински грип, јавија порталите.
Лекарите не знаат од што починало 12 годишното девојче кое вчера било донесено на Клиниката за инфективни болести.
Девојчето било примено во тешка здравствена состојба со проливи, повраќање и намалена телесна температура. Според изјавата на директорот на клиниката Звонко Миленковиќ, лекарите четири часа безуспешно се обидувале да го спасат девојчето.
Семејството не дозволило да биде извршена обдукција на телото, па затоа ќе се анализира само крвта која била земена пред да почине девојчето. Во некои од медиумите излезе информација дека девојчето починало од свински грип но, на клиниката оваа информација ја демантираат. (Крај)
извор: ОхридПрес/МИА/Нова ТВ фото: архива