Скопје/Охрид, 27. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денес беа потпишани договорите помеѓу владините министерства и единиците на локална самоуправа, поточно општините кои учествуваа во јавниот повик, ги исполнија условите и добија средства од проектот во вкупна вредност од 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините.
– Дел од тие средства ќе бидат реализирани во овој буџет, останатиот дел дополнет со оние средства коишто недостигаат ќе биде со следниот буџет за следната година. Согласно првиот повик кој го објави Министерството за локална самоуправа денес вклучуваме договори за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4.1 милијарди денари. Денес се потпишуваат договорите кои се темелат на 6 владини одлуки, поделени на 6 клучни ресори каде што овие пари ќе бидат инвестирани во изградба на проекти, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Општина Охрид е помеѓу општините со кои се потпишаа договори врз основа на Одлука за користење на капитални донации до единиците на локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа животната средина и просторното планирање за што ќе се инвестираат близу 630 милиони денари (629.263.261 денари). Станува збор за инвестиции во изградба на атмосферски и фекални канализации, колектори, нови водоводи, регулации на реки и други проекти. Со оваа одлука се опфатени општините Охрид, Василево, Берово, Шуто Оризари, Пехчево, Пробиштип, Тетово, Бутел, Могила, Делчево, Врапчишта, Липково, Кисела Вода, Чаир, Арачиново, Росоман, Чучер Сандево и други. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес