април 26, 2018

Котор/Охрид, 26. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Зацврстувањето и проширувањето на пријателството преку здружено учество и меѓусебна соработка на сите полиња од заеднички интерес е само дел од меморандумот за пријателство, кој вчера во Котор го потпишаа градоначалниците на Охрид, Јован Стојаноски, на Котор Владимир Јокиќ, на Дубровник Мато Франковиќ и главната советничка на градоначалникот на Мостар, Рада Комадина.

Со потпишувањето на меморандумот, четирите града кои се под заштита на УНЕСКО, ја потврдија намерата заедно и истрајно да делуваат  во областа на заштитата  и промоцијата на своето природно и културно наследство, со размена на искуства во унапредувањето на јавната свест за значењето  на статусот на листата на УНЕСКО.

– Исклучително сум среќен по потпишувањето на меморандумот за соработка и пријателство   помеѓу градовите Охрид, Дубровник, Котор и Мостар. Со потпишувањето и како држава и како град се надеваме дека ќе ги унапредиме меѓусебните односи пред се во областа на заштитата на културното и природното богатство. Имавме конструктивни разговори со претставниците на градовите кои се под заштита на УНЕСКО,  во кои централно место имаа прашањата околу заштитата на културното наследство  и развојот на туризмот и бизнис соработката, изјави охридскиот градоначалник Јован Стојаноски.

26_04_2018_KOTOR_3

Во меморандумот за соработка меѓу градовите заштитени од УНЕСКО, покрај соработката за заштита на културното наследство, наведени се и други форми на развивање пријателство преку соработка  во спортот, културата и бизнис заедниците.

По потпишувањето на меморандумот, се одржа заеднички состанок на Бордот на директори на Организацијата на градови  со светско културно наследство (OWHC) .

(Крај)

извор: ОхридПрес фото: Општина Охрид

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука