Скопје, 4. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – На 88-годишна возраст почина една од најплодните и најзначајни македонски писателки, Оливера Николова.
Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани. Сите критичари кои се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви. Оливера Николова е писателка која сака секогаш да биде нова, која ја истражува и формата, но која пред сè, реагира на животот и на новините кои се случуваат во него менувајќи го сензибилитетот на современото дете.
За своето творештво, Николова добила бројни награди. Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овојпат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година по третпат ја добила таа награда, за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо покољење“ за 1978 година. Исто така, таа е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца.
Во октомври 2012 година, за романот „Куќичка“, таа била номинирана како македонски претставник за наградата „Балканика“. Во декември 2013 година, Оливера Николова го одбележала јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објавила избор од творештвото на Николова во три тома, насловени како: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“. За своето книжевно дело, Николова ги освоила наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, како и „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Во февруари 2016 година, за романот „Кадифената покривка“ (издание на „Матица македонска), Николова ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година. Истовремено, романот „Куќичка“ бил објавен на српски јазик, во издание на „Арка“ од Смедерево.
На почетокот на годинава македонскиот претседател Стево Пендаровски ја одликува со Орден за заслуги за Македонија за 2024 година. (Крај)
извор: Слободен печат/ОхридПрес фото: архива