Скопје, 3. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – До 9-ти јануари и претседателот Ѓорге Иванов треба да му го додели мандатот за состав на новиот владин кабинет, на партиите што ќе го информираат дека имаат мнозинство, но засега сеуште е непознато кој ќе го формира.
И покрај тоа што роковите се кратки и периодот на законскиот рок до понеделник изминува во празници, политичките партии се чини немаат време за опуштеност. Иако велат дека е рано да се говори за формирањето ново парламентарно мнозинство, сепак зад сцената деновите ги поминуваат главно во договори, преговори, барања и бројни комбинаторики.
Петре Шилегов од СДСМ вели дека за евентуалните коалиции благовремено ќе ја известат јавноста.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека тие очекуваат да го добијат мандатот од Иванов, па потоа да ги почнат разговорите.
И од ДУИ не откриваат ништо конкретно. Дури тврдат и дека во овие денови додека се празниците не преговараат.
Од Алијанса за албанците изјавија дека нема да коалицираат со осомничени лица. (Крај)
извор: 24 Вести фото: архива