Скопје, 3. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Пуштена е во употреба заедничка поштенска марка на „Македонска пошта“ и Федералното претпријатие „Марка“ од Русија, со мотиви на Охрид и Санкт Петербург.
Од „Македонска пошта“ денеска соопштија дека издавањето заеднички поштенски марки за промоција и развој на туризмот ќе продолжи и во иднина. Следна иницијатива ќе биде печатење заедничка поштенска марка со Поштата на Јапонија, активност која е подржана и од Амбасадата на Република Македонија во Јапонија.
– Македонска пошта продолжува со промовирање заеднички поштенски марки со други поштенски управи, кои стануваат баран филателистички производ помеѓу колекционерите на меѓународниот филателистички пазар, се вели во соопштението. Првата заедничка поштенска марка беше издадена по повод 100 години од раѓањето на Мајка Тереза, помеѓу „Македонска пошта“, Пошта Албанија и Пошта Косово.
Минатата година „Македонска пошта“ издаде заедничка поштенска марки со Пошта Косово, чија цел е промоција на планинскиот туризам, со мотиви од Попова Шапка и Брезовица. (Крај)
извор: skopjeinfo.mk фото: skopjeinfo.mk