април 9, 2024

Скопје/Охрид, 9. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – По пауза од близу 30 години, легендарната македонска група „Меморија“ се враќа со нова песна, одличната „За тебе“.

Синглот е дел од новиот албум кој се очекува да излезе на крајот на годината. Музиката. текстот и аранжманот се на басистот нa групата Петар Георгиевски – Камиказа, а покрај него, во групата се и Апостол Икономов – вокал, Давор Јордановски на клавијатури и Сашо Ангелов на тапани.

Песната е снимена во студиото „Тра ла ла“, а продуценти се Мите Димовски и Давор Јордановски.

– Следниот сингл, кој е во продукција ќе се појави во јуни како дует на Ристо Самарџиев и Апостол Икономов, информираат од бендот.

Публицитет.мк - Групата „Меморија“ - 35 години подоцна со концерт во  „Метрополис Арена“

Групата Меморија е основана во далечната 1984 година, како бенд кој свирел поп-рок музика.

Основачи на групата се гитаристот Душан Трпковски – Ринго и басистот Петар Георгиевски- Камиказа. Во првите години од работата групата често ги менуваше членовите, но со демо албумот отпеан со првиот вокал Зоран Или- Зоци излегува и хитот „Нена“, по кој следуваат и бројни настапи во Скопје. Ринго и Зоран ја напуштаат групата и со нови членови се снима деби студискиот албум „Оган под ѕвездите“, кој групата го снима во состав: Апостол Поце Икономов (вокал), Петар Георгиевски- Камиказа (бас), Антонио Димитриевски (тапани), Дејан Кузмановски и Валентино Скендеровски (клавијатури), Ицо Јовковски и Бане Поповиќ (гитари). Продукцијата беше на Валентино Скендеровски, кој по кратката работа со „Леб и сол“ се вратил во групата. Ова беше првиот студиски албум кој го објави Музичката и касетна продукција на Радио Телевизија Скопје.

На следната плоча „Октомвриски дождови“ ја објавија обработката на песната „Македонија“ на групата Тајм и Дадо Топиќ. Концертната плоча ја снимаат на 27-ми октомври 1991 година во скопскиот ноќен клуб „Хард рок“. По смената на вокалистот (на местото на Поце доаѓ Ристо Самарџиев), „Меморија“ сними неколку од старите песни. Темите „Дирлада“, „Дек’ си бе цимер“ (од репертоарот на групата Пеницилин) кои беа дел од нивниот последен студиски албум „Меморија 5“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука