Скопје/Охрид, 22. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Комисијата за заштита од дискриминација примила информацијата дека на ученици во основно училиште во Охрид делумно им е ускратено правото на образование поради нивната вероисповед.
Комисијата укажува дека согласно со Законот за спречување и заштита од дискриминација, се забранува секаков вид дискриминација по која било основа, вклучувајќи ги религијата и верското уверување.
Ограничувањето на носење верски симболи во училиштата за припадниците на која било религија предвидена во Уставот, според Комисијата, претставува форма на дискриминација по основа на вероисповед. Комисијата е свесна дека слободата на вероисповед може да се ограничи, меѓутоа ограничувањата мора да бидат предвидени со правото (закон или подзаконски акти) и мора да се неопходни за заштита на јавната безбедност, јавниот ред, јавното здравје, моралот или правата и слободите на другите.
Ограничувањето на слободата на веросиповед преку забрана за носење верски симболи во училиштата за припадниците на која било верска заедница предвидена во Уставот претставува директна дискриминација по основа на вероисповед.
Комисијата за заштита од дискриминација им препорачува на образовните институции од сите нивоа да ги почитуваат подеднакво правата на учениците и студентите, покрај другото и правото на непречена манифестација на слободата на вероисповед под еднакви услови за сите. Таа ги повикува институциите кои се надлежни да обезбедат примена на правото, да ги преземат сите неопходни законски мерки со цел еднаков третман на учениците и студентите, без разлика на нивното верско убедување.
– Комисијата за заштита од дискриминација ги поучува лицата кои сметаат дека се дискриминирани да покренат постапки за заштита на нивните права пред судовите и други надлежни институции, вклучувајќи ја и Комисијата за заштита од дискриминација, стои во јавната реакција на Комисијата. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива