јуни 28, 2019

Охрид, 28. јуни 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од 29-ти јуни до 3-ти јули, Охрид ќе биде домаќин на Интернационалниот фестивал „Денови за претставување на Бугарската култура, фолклор и традиција“.

Во организација на Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди“ од Охрид и Фондацијата „Жар-С“ од Бугарија, овој меѓународен фестивал ќе се одржи по трет пат, со поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија (како проект за развивање на културата за 2019 година), општина Охрид, Нов Бугарски универзитет и МБП. Идејата на организаторите е промовирање на бугарските народни уметности пред многубројните туристи од целиот свет кои во овој период се во Охрид. Основна задача на организаторите е давањето можност за перформанс и претставување на сопствена програма на учесниците.

Во недела, на 30-ти јуни во 10:00 часот ќе се одржи округла маса на која ќе говорат претставници од домаќинот Македонија, Албанија, Грција и Бугарија за заедничките особености на фолклорот кај Балканските народи.

Во понеделник, на први јули во 10:30 часот ќе биде отворена изложба со поставки на народни носии во Центарот за култура „Григор Прличев“.

Свеченото отварање на фестивалот е со вечерна програма од 20:00 часот на Летната сцена „Долни Сарај“ на која учество ќе земат над 400 учесници од фолклорни ансамбли и фолклорни пејачки и танцови групи, хорови, клубови за народни танци и групи за староградски песни. Фестивалот продолжува и на 2 јули, на истата сцена со ревијална вечер. Овој фестивал е од натпреварувачки карактер и завршува со доделување на награди на најдобрите учесници.

Влезот е слободен за сите посетители. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука