Охрид, 21. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва во живописното Велестово, започнува манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, која 29 години никого не остава рамнодушен, со исклучително значење за поетите и уметниците.
Самата бројка кажува за стабилноста и истрајноста на оваа манифестација. Од година во година се надоградува со нови содржини. Беше и остана оригинална по својот концепт, истакна нејзиниот творец, поетот Славе Ѓорго Димоски.
– Манифестацијата секоја година се посветува на творештвото на еден македонски поет, овој пат тоа ќе биде академик Ристо Василевски, поет кој живее во Србија, но е афирмирано поетско име и пошироко од овие простори. Беседа за неговото творештво ќе одржи поетот Бранко Цветкоски, а стихови ќе читаат Леа Новеска и Јован Цветкоски, рече Димоски.
Низ годините на одржување на манифестацијата претставена е своевидна антологија на антологии на современите македонски поети, подвлече поетот Василевски, кој истакна дека е почестен што годинава ќе биде претставена неговата поезија.
Од минатата година оваа манифестација ги прошири рамките и почна да претставува по една национална поезија. Стартуваше со претставувањето на ирската поезија, за годинава тоа да биде бугарската поезија.
– Во збирката претставени се 16 поети од различни генерации, кои го отсликуваат актуелниот миг во моменталната поезија што се објавува. Во недела во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе настапат: Владимир Левчев, Поли Муканова, Аксинија Михајлова и Ани Илков, рече Димоски.
Покрај претставување на творештвото на еден поет, ќе биде застапено и едно сликарско име, овој пат таа чест му припадна на академскиот сликар Емил Шулајкоски.
Годинава има уште една новина, манифестацијата се проширува регионално. Поетите и гостите утре ќе го посетат селото на Петре М.Андреески, Слоештица, каде неговиот син го води отвореното студио „Арт Поинт Гумно“, каде гостуваат,творат и изложуваат сликари од повеќе земји. Ова ќе претставува своевиден спој на двете автентични манифестации, кои се оджуваат во село.
Како дел од „Поетската ноќ во Велестово“ на 28-ми јули ќе се одржи промоција на проект книгата „Извештаи на Рисот“ од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски, во соработка со издавачката куќа ПНВ „Публикации“ и МАНУ Во текот на летото во Охрид ќе се одржат промоции на делата „Доилката“ од Лилјана Пандева и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото:ОхридПрес