Охрид, 27. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Воодушевена публика, долги аплаузи, впечатливи изведби, задоволни учесници, ваква беше атмосферата синоќа на шестиот по ред Меѓународен хорски фестивал „Гласот на Охрид“, организиран од градскиот мешан хор Vox Lychnidos.
Гласовите на хористите во уникатниот амбиент на катедралната црква „Св. Софија“ се обединија во хармонија, а резултатот беше вистинска магија, празник за очи и уши, за што публиката не ги штедеше дланките.
Диригентот на охридскиот хор Бурим Хидри повеќе од задоволен од нивниот настап, но и одличното претставување на хоровите од Република Македонија, Србија и за првпат од Словенија и Албанија. Настапија вкупно осум хорови со 220 хористи, кои со себе ќе понесат импресиии од атмосферата.
Охридските хористи тука не застануваат. Периодов одржуваат интензивни проби за настап на хорски натпревар, што од 4-ти до 7-ми јули ќе се одржи во Ниш, Србија. Впечатливо за овој натпревар е што хоровите не се пријавуваат, туку се натпреваруваат на покана на организаторите.
Благодарение на квалитетот во изведбите, изборот на композициите и одличната соработка на хористите и диригентот за време на настапите, што го препознаа експертите во оваа област, Vox Lychnidos е поканет да учествува на овој натпревар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива