Бидејќи овие стари езера содржат толку многу видови кои ги нема на друго место, штом ќе бидат деградирани, тие не можат целосно да се обноват.
Научниците и локалните активисти се загрижени. Christian Albrecht, германски еколог од Универзитетот во Geissen, кој го проучувал езерото, предупредува на сериозна „криза на биолошката разновидност“. Тој и други научници се загрижени дека ако проблемите на езерото продолжат неконтролирано, проблеми нагласени во неодамнешниот извештај доставен до Советот на Европа од Andrej Sovinc, експерт за заштитени подрачја од Меѓународната унија за заштита на природата – ендемските видови ќе се намалат или исчезнат. Охрид како вистинско богатство на биолошката разновидност, може неповратно да се уназади, велат научниците.
– Секако дека има одредена сопствена издржливост. Постојано во него се влева свежа вода од планините… Проблемот е ако имате мноштво на притисоци или стресни фактори. Во одреден момент секој екосистем ќе стигне до својата пресвртна точка… Навистина треба да бидеме вознемирени, вели Albrecht.
Охридското Езеро е во друштво со Тангањика во Источна Африка, Бајкал во Сибир и Титикака во Јужна Америка. Древните езера во светот се соочуваат со слични закани. На некои места, научниците веќе забележуваат намалување на ендемските видови, вклучувајќи ги дијатомите на дното на синџирот на исхрана во Бајкал и малите видови риби циклиди со кои изобилува езерото Тангањика и блиското езеро Малави.
Повеќето од езерата на планетата се млади – стари се помалку од 10.000 години, и настанале со глацијација. Спротивно на тоа, древните езера се формирале со поместување на планините, често во текот на милиони години. Помал број ги исполнуваат кратерите на астероидите кои одамна ја погодиле земјата. Истражување од 2018 година наведува 29 антички езера ширум светот, со старост од околу 130.000 години до повеќе од 65 милиони години.
Древните езера долго време ги фасцинираат научниците поради нивната извонредна биолошка разновидност и големиот број ендемски видови кои еволуирале и преживеале во овие водни екосистеми во текот на нивното долгогодишно постоење. Раните студии се фокусираа на каталогизирање на езерската разновидност. Во поново време, научниците ја проучуваат еколошката историја на езерата, надевајќи се дека подобро ќе разберат како еволуцијата создала толку многу видови. Користејќи различни техники како DNK анализата и длабокото јадро на седиментите, тие ги испитале начините на кои минатите промени во климата и локалните услови влијаеле на овие езера кои е јасно дека служеле и како колевки за нови видови и како засолниште за старите видови во периоди на сериозни промени.
Има многу нешта кои научниците не ги знаат за древните езера. Тие се големи и длабоки, и затоа се релативно отпорни на значителни промени. Но, научниците велат дека тие во исто време се и ранливи, делумно затоа што проблемите со кои се соочуваат се насобираат со децении, вклучувајќи ги климатските промени, загадувањето со хранливи материи и прекумерниот риболов. Исто така, бидејќи древните езера содржат толку многу видови кои не можат да се најдат на друго место, штом ќе се доведат во опасност за опстанок, не можат целосно да се обноват.
Република Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, со висока невработеност, ниски плати и малку ресурси. Туризмот е еден од ретките начини за зајакнување на економијата во текот на последниве години. Посетителите доаѓаат поради убавината на Охрид, но и поради тоа што и цените се релативно прифатливи.
За да се сместат и привлечат овие посетители, во близина на езерото се изградени и се’ уште се градат нови хотели, апартмани и ресторани, и покрај забраната за нови градби на 50 метри од брегот. Новите згради, заедно со новите пристаништа и зголемувањето на бродскиот сообраќај, уништија или оштетија живеалишта, вклучувајќи мочуришта и трски, во многу области.
Загадувањето, исто така, се зголеми од слабо функционалните општински системи за третман, а понекогаш и на одредени места и од канализациската мрежа која се празни директно во водата, како и од земјоделското загадување во сливот. Хранливите материи од двата извора предизвикуваат акумулација на алги на карпестото езерско дно во близина на населените области, претворајќи ја чистата вода во заматена и деградирајќи го живеалиштето со плитка вода за автохтоните видови. Студиите во блиските области, исто така, открија промена од дијатоми и безрбетници кои напредуваат во средина со ниски хранливи материи кон видови кои напредуваат во средина богата со хранливи материи.
Охридското Езеро и другите древни езера со ладна вода се олиготрофни или со малку хранливи материи, што ја објаснува нивната извонредна бистрина. Олиготрофните езера се исто така богати со кислород и живот, сè до дното. Но, со децении, чистотата на водата во Охридското Езеро се намалува. Едно истражување покажа дека видливоста се намалила од длабочина од 16,5 метри во 1920 година на 13,1 метри во 2005 година. Научниците забележале промени во составот на видовите во најдлабоките води, вклучително и длабоки водни цутови на алги и зголемување на врстите кои се хранат со тие алги. Опсегот на некои школки е намален. Некои полжави станаа ретки.
Најпознат вид во Охридското Езеро е охридската пастрмка. Таа е ендемична риба, но прекумерниот риболов толку го намали нејзиниот број што ловењето сега е нелегално на македонска страна, иако луѓето велат дека ловокрадството е вообичаено. Истовремено, охридската пастрмка се соочува со нова конкуренција од седум нови видови риби, меѓу кои и виножитната пастрмка. Други инвазивни видови го пронашле својот пат во езерото, вклучително и два нови видови полжави, иако тие допрва треба да загрозат некој од домородците. Позагрижувачки може да биде близината на зебра школки, кои доаѓаат од Црното Море, а кои веќе направија голема еколошка штета во Големите езера, во Северна Америка. Тие лесно можеа да стигнат до Охридското Езеро прикачени на некој чамец, од кофи за мамки или прикачени на некоја друга опрема.
– За мене тоа е само прашање на време. И што се случува кога ќе ги сретнат домашните школки? Некои луѓе се плашат да ја критикуваат владината неактивност од страв да не се најдат во неволја со локалните власти, вели Albrecht.
Охрид не е без бранители
Локалното движење за зачувување е мало, но страсно, неговите членови се малку, но длабоко поврзани со езерото. Никола Паскали е еден од нив. Нуркач, археолошки ентузијаст и конзерватор, тој поминал години истражувајќи го езерото. Тој неодамна направи серија видеа за ученици, спонзорирани од Обединетите нации, за да го сврти вниманието на нивните проблеми.
Но, предизвикувањето загриженост за езерото е тешко во земја сиромашна како Република Македонија, рече тој. „Кога ги решаваме социјалните проблеми, потоа е можно да се средат и еколошките проблеми со езерото.“ (Крај)
извор: e360.yale.edu фото: архива