септември 28, 2017

Охрид, 28. септември 201 (ОХРИДПРЕС) – Македонската филателија наскоро ќе стане побогата за уште една поштенска марка, со која Република Македонија ќе биде првата држава во светот која ќе испечати примерок на поштенска марка посветен на децата со ретки болести.

Идејата е на  Гордана Лолеска, вработена во Македонска Пошта А.Д., подружница Охрид, која е член и волонтер на здружението „Живот со предизвици“.

Лолеска вели дека и директорот на Поштата, Сејфула Хани воодушевено ја прифатил идејата и веднаш закажал состанок во Бирото за филателија во Скопје.

– Идејата за печатење поштенска марка посветена на лицата со ретки болести потекнува од 2014 година. Покрај здружението и поддршката од моите колеги, добив и огромна поддршка од целокупната лекарска фела во Охрид и од Клиничкиот центар – Скопје, за што сведочат многу писма со поддршка кои беа доставени заедно со барањето за издавање на поштенската марка. Во ноември 2015 година, го доставивме барањето до Бирото за филателија при Македонска Пошта, а одговорот дека барањето е одобрено, од Советот за марки при Македонска Пошта го добив дури во ноември 2016 година, бидејќи тогаш се носи програмата за печатење поштенски марки, изјави неодамна Лолеска за Цивил Медиа.

Таа додава дека ја обзело чувство на голема среќа кога и` го соопштиле името на марката – „Деца со ретки болести“.

– Ова мое достигнување им го посветувам на сите деца со ретки болести во светот првенствено на моите Ема, Андреј и Давид. Во официјалната програма на Македонска Пошта, предвидено е марката да се печати во октомври 2017 година. Ќе ми причинува големо задоволство ако марката го има светското лого на ретки болести. За изгледот се договоривме со Македонска Пошта, а секако и со одобрение на EURORDIS – европска организација за ретки болести, истакна Лолеска.

Промоцијата ќе се одржи на 4-ти октомври во Амфитеатарот на МАНУ во Скопје со почеток во 10:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес/Цивил фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука