Берлин, 10. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вчерашните преговори во Берлин помеѓу претставници на министерствата за надворешни работи на Украина, Германија, Франција и Русија, по прашањето за Украина беа тешки, но завршија со „видливи резултати“, напиша на неговиот профил на Твитер украинскиот амбасадор во Германија Андреј Мелник.
– Осумчасовните тешки преговори во Берлин завршија со видливи резултати, посочи Мелник, без да прецизира за какви конкретни резултати станува збор. Средбата беше затворена за јавноста. Од руска страна учествуваше заменик-министерот за надворешни работи Григориј Карасин. Берлин беше претставуван од државниот секретар Маркус Едерер, кој според медиумите е доверливо лице на министерот за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер.
Лидерите на земјите од „нормандската четворка“ неодамна се договорија да се сретнат утре во Минск на преговори за решавање на кризата во Украина. Се очекува денеска да се одржат преговори на трилатералната контакт група за Украина. (Крај)
извор: ОхридПрес/АФП фото: АП