Скопје, 16. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Студентски пленум ја претстави програмата на активностите предвидени за шестиот ден на Филозофски/Филолошкиот факултет и петиот ден на Машински и ФЕИТ од почетокот на окупацијата.
Иако денеска треба да се одржи средба на работните групи меѓу кои се претставници од Студентски и Професорски пленум, претставници од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како и од Министерството за образование и наука, студентите продолжуваат со активностите.
Од 14:00 часот продолжува трибината на тема „Што би промениле во високото образование?“ во аулата на Филозофски/Филолошкиот факултет.
Потоа во 16:00 ќе се одржи проекција на „Европа на работ, прекрасниот свет на Алберт Кан“ и дискусија со проф. Ирина Стефоска и проф. Љупчо Ристески во амфитеатар A3. Во рамки на програмата ќе се одржи и изложба на Александар Ковачевски „Дискретниот шарм на продавачите на магла“.
Вечерта ќе продолжи со аустична свирка, а ќе заврши со проекција на филмот „Berkeley in the 60s“ во амфитеатар 3, по што ќе следува и дискусија.
Во автономната зона на Машински и ФЕИТ пак, продолжуваат алтернативните предавања и работилници. Така што во 14:00 часот, Игор Трајковски ќе одржи предавање за „Агрегатори на информации“. Потоа, во 15:00 часот Марија Михова ќе зборува за „Логика на правното размислување“, а во 17:00 часот Мариета Петрова ќе отвори дискусија на тема „21ви век – Образовна автономија“. (Крај)
извор: Радио МОФ фото: архива