Скопје/Охрид, 5. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Предлогот на Закон за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природа и Предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природа денеска се на дневен ред на собраниската Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно правната комисија, во второ читање.
Минатиот месец овие предлог закони поминаа на пленарна седница во Собранието во прво читање.
ЈП „Колекторски систем“ како иден управувач со заштитено подрачје Споменик на природа – Охридско Езеро и Општина Охрид како иден управувач со заштитено подрчаје Парк на природа – Студенчишко Блато ќе имаат обрска на транспарентен начин да изработат и донесат планови за управување, во кои ќе бидат дефинирани дозволени и забранети активности по зони, што се дел од препораките на Бернска Конвенција.
– Идните управувачи ќе имаат обрска да воспостават чуварска служба и мониторинг на природното наследство во двете подрачја и да обезбедат нивно интегрално управување и заштита. Со донесувањето на овие закони од Собранието, ќе се овозможи заштита и зачувување на природните вредности на овие подрачја и нивно соодветно долгорочно управување, како и исполнување на целите на Националната стратегија за заштита на природа, исполнувањто на целите ЕУ и Зелениот договор, како и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2023 и 2024 година, информираа од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Оттаму потенцираа дека во однос на предлог законите запазена е целата постапка за прогласување согласно Законот за заштита на природа, со добиени позитивни мислења од релевантни државни органи, Националниот совет за природа и одржани се три јавни расправи во општините Охрид и Струга.
Од Меѓународната унија за заштита на природа (IUCN), Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) со седиште во Белград потенцираа дека се горди што го поддржале овој процес преку доставување на Студијата за валоризација на Споменик на природата на Охридското Езеро, во тесна соработка со властите, локалните и граѓанските заедници, а поддршка изразија и од НП „Галичица“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес