Охрид, 22. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Денеска и утре во Бахреин, се одржува Петтиот форум на World Heritage Watch (WHW), организацијата која има за цел подигнување на свесноста за значењето на Светското наследство, зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор во овој домен и да му помогне на УНЕСКО кон заштита и зачувување на природните и културните добра од светско значење.
Не случајно секоја година форумот се одржува непосредно пред Конференција на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која годинава ќе се одржи по 43-ти пат.
Извештајот кој се состои од збирка на трудови од УНЕСКО локации од целиот свет и резолуциите поднесени од учесниците на овој форум ќе бидат доставени до Комитетот за светско наследство како дополнителна информција за состојбата и активностите во добрата на УНЕСКО.
И граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, како дел од постојаните напори за бескомпромисна заштита и соодветен третман на непроценливото природно и културно наследство на охридскиот регион, даде свој придонес. Во Извештајот на World Heritage Watch за 2018 објавен е текст во кој се анализира напредокот на Република Македонија во однос на преземените мерки кон исполнување на препораките на УНЕСКО, 41СОМ 7В.34 од 2017.
Покрај тоа објавена е и „Резолуцијата за заштита на природното и културното наследство на охридскиот регион“ со која се укажува на проблемите и мошне загрижувачки активности во регионот, непреземените мерки во насока на гарантирање на статусот на УНЕСКО. Преку неа од Охрид ЅОЅ го повикуваат Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да ѝ даде конкретни и сериозни насоки на Република Македонија за решавање на овие проблеми. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Охрид ЅОЅ/архива