Охрид, 28. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за подршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, во партнерство со ООУ „Св. Климент Охридски“, организира јавна презентација на програмата за едукација и сензибилизација и на типичните ученици за карактериститиките, правата и потребите на нивните соученици со попреченост, што веќе некое време се практикува во ова училиште.
На настанот ќе бидат презентирани резултатите од „Акционото истражување во наставничка канцеларија“, спроведено од педагогот Славица Илиќ по што ќе следи работилница на која ќе присуствуваат наставници и стручен кадар и од други охридски училиштаи преставници од општината. На презентацијата ќе бидат споделени методите и практиките кои се применуваат за сензибилизација на типичните ученици. По презентациите ќе се одржи дебата на тема „Самостојни иницијативи, проектни активности и акциони истражувања во училиштата во функција на подобрување на клима, култура и емпатија кон лицата со различности“.
Целта на проектот „До инклузивност со соработка“ е да ги промовира методите за успешно практикување на инклузивното образование во ООУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Станува збор за единствено училиште во општината кое е верифицирано за изведување на воспитно-образовна работа за деца со посебни образовни потреби уште од 1967 година. Поради позитивните резултати постигнати низ годините, ова училиште беше детектирано од тимот на здружението „Сината птица“ како позитивен пример за инклузија од кој би можеле да црпат искуства и другите училишта. Како сведоштво за добрите практики, големиот ентузијазам, долгогодишните напори на многу поединци и професионалци, во градење на една навистина инклузивна клима за сите ученици ќе биде снимен кус документарен филм кој ќе биде промовиран во текот на мај 2018 година.
Здружението за поддршка на деца и млади со различност „Сината птица“ е формирано од родители на деца со попреченост и различност, специјални едукатори, психолози, професионалци од НВО секторот како и од други области. Основната цел на Здружението Сината птица Скопје е едукација и поддршка на децата и младите со пречки во развојот, трансродовите деца и млади, децата и младите со каква било различност, нивните семејства, институциите и нивна целосна инклузија во општеството, настојувајќи да креира контекст на прифаќање, одговорност, инклузивност и рамноправност. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива