мај 29, 2018

Охрид, 29. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Уште десетина дена остануваат до големата Еко акција „Мој Охрид, чист Охрид“, за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона, која ќе се одржи на 9-ти јуни.

Акцијата е во организација на Супер радио со поддршка на бизнис секторот, охридските медиуми и нашите еко пријатели од спортските друштва, но и на целата јавност од Охрид. Основната цел е во пресрет на сезоната градот да блесне во целата негова убавина и подготвени да ги пречекаме гостите на кои сите се надеваме дека и оваа сезона ќе ги имаме во голем број, потенцира Сашо Митаноски од „Мој Охрид, чист Охрид“.

– Претстојната акција е дел од една поголема акција која започна на почетокот на месецов. Ги повикуваме буквално сите кои се во можност ученици, спортски еко друштва, формални или неформални групи на граѓани да ни се придружат. Оние кои досега се пријавени веќе ги имаме поделено по зоните. Сите останати можат на 9-ти јуни да дојдат самоиницијативно во зоната која е најблиску до нив, да го разберат тоа како прошетка со семејството. Да помогнеме сите заедно, да исчистиме за Охрид да биде уште поубав, потенцира Митаноски.

Покрај бројните граѓани, здруженија и клубови кои ќе бидат дел од акцијата, свој придонес ќе даде и Здружението „З’ш авантура“, со цел подготвени да ги дочекаме туристите, а пред се и за нас е подобро кога животната средина, градот, плажите и планините околу нас почисти, истакна претседателот на „З’ш авантура“, Жанко Голабоски.

– Со овие акции ќе ги мотивираме постарите и помладите граѓани, учениците и најмладите уште од најмали нозе да ја одржуваат средината чиста. Покрај оваа голема акција „З’ш авантура“ продолжува со еден голем еко проект кој ќе трае во следните 5-6 месеци за чистење на планините „Еко Галичица 2018“ се со цел да привлечеме што повеќе домашни и странски туристи, со оглед на тоа што авантуристичкиот туризам е во подем. Ќе имаме шест месечно чистење на Галичица со оглед на се поголемиот број планинари, велосипедисти, параглајдеристи, организирани off road тури. Апелирам до сите граѓани да дадат придонес на претстојната акција, рече Голабоски.

eko_akcija_pres_640x360Сите ние си го сакаме Охрид како град во кој сме се родиле и  живееме, секојдневно ги фотографираме убавините, па затоа треба тоа и да го покажеме на дело, колку можеме да го исчистиме градот бидејќи ние граѓаните, туристите и Охрид тоа го заслужуваат, истакна Мери Нанче од „Мој Охрид, чист Охрид“

– Апелирам до сите граѓани кои го сакаат овој град да излеземе масовно на 9-ти јуни и да ја поддржиме акцијата. Доколку некој не е во можност да дојде на некоја од предвидените локации, нека си го исчисти дворот, уличката, влезовите во зградите. Само на тој начин ќе покажеме дека имаме сенс за она што е убаво, да уживаме во убавината на Охрид, но и да дадеме пример на нашите поколенија, рече Нанче.

Големата еко акција „Мој Охрид, чист Охрид“ ќе се одржи во сабота на 9-ти јуни со почеток во 10:00 часот. Ќе се чисти на потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“, поделен на 8 реони. Првиот реон е комплетно чистење на плажата кај Воска, следен реон е Стариот град, потоа потегот од мостот до плажата „Golden beach“, потоа до „Славија“, зона 5 е од „Славија“ до хотел „Гранит“, потоа до хотел „Метропол“, зона 7 е од хотел „Метропол“ до плажа „Атлантис“ и последниот реон е до Пештани и хотел „Десарет“. За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. Исто така е обезбеден превоз до подалечните плажи. На крајот на акцијата, вработените во ЈП „Охридски Комуналец“ ќе го соберат ѓубрето и ќе го однесат на соодветна локација.

mapazoniВо акцијата активно ќе се вклучат и нуркачите од клубот за подводни активности „Охрид“, кои ќе го чистат дното на Охридското Езеро на потегот пред селото Пештани.

Сите заинтересирани дополнителни информации можат да добијат на официјалната група на Facebook на настанот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука