Охрид, 17. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со здружување и координација меѓу туристичките работници од Балканот, истиот ќе може да промовира како туристичка дестинација која ќе привлекува гости од трети земји.
На ова меѓу другото беше ставен акцентот на Втората конференција од областа на туризмот, со меѓународно учество, што се одржува во Охрид.
Според првиот човек на ХОТАМ, Крсте Блажески кружните балкански тури се се поатрактивни, имаат позитивни ефекти и претставуваат одлична можност за запознавање на туристите со убавините на Балканот.
– Тоа што е наша замисла е како членки на БАХА(Балканска асоцијација на хотелиери) да придонесеме за олеснување на протокот на туристите меѓу државите од регионот, практично да го промовираме Балканот како заедничка туристичка дестинација – потенцира Блажески.
Потсекретарот за туризам на Владата на Војводина, Иван Ѓоковиќ ја потврди мисијата на БАХА, дека иднината на развојот на туризмот е во промовирањето поголеми туристички дестинации. Освен материјалното богатство, природните убавини, културата, историјата, природните убавини, гостопримливоста,храната, главен адут на Балканот е човекот, подвлече Ѓоковиќ.
Волја за соработка и унапредување на дејноста има, но недостасува знаење и негова соодветна примена. Не треба да се зема здраво за готово она што е веќе препознатливо за една дестинација. На пример, охридскиот бисер, нормално се поврзува со Охрид. Но, мора да постои и долгорочен план за развој врз чија основа, еве Охрид ќе се пласира како дестинација дома и надвор, смета меѓународниот туристички консултант, Милош Миловановиќ.
Темата на Втората конференција од областа на туризмот, со меѓународно учество е “Дестинацијата како бренд”. Присутните ќе дискутираат и дебатираат околу предизвиците во брендирањето на дестинациите, потоа за значењето на хотелскиот бренд за дестинацијата и за гастрономијата како основа на брендирањето. Конференцијата завршува утре. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива