април 3, 2017

Охрид, 3. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Личната асистенција не е нега, иако вклучува некои нејзини елементи.

Таа мора да служи лицата со попреченост што повеќе да се активираат и да се вклучат во процесите.  Ова меѓу другото беше истакнато на обуката, во рамки на проектот “Унапредување на услугите за социјална вклученост”. Целта на проектот е да се подобри системот, услугите и професионалните капацитети за социјална вклученост на мажите и жените кои се во понеповолна положба, како и да ги унапреди еднаквите можности на пазарот на трудот.

Проектот се состои од три компоненти: унапредување на професионалната рехабилитација и вработување на луѓето со инвалидитет, воведување услуги за лична асистенција за луѓето со инвалидитет и надградба на постоечкиот ИТ систем и вмрежување.

Во рамки на обуката во Охрид, ја опфаќаме вторта компонента, потенцира Маријана Јанковиќ, експерт за лична асистенција.

– Она што сакаме да го постигнеме е да пренесеме што е лична асистенција како и важноста од вклучувањето на лицата со инвалидитет во општеството. Личната асистенција мора да придонесе за поголем квалитет на нивниот живот и вклученост во заедницата и општеството. Одлучивме тренинзите да ги одржуваме заеднички и за претставниците на јавните институции, за лицата со инвалидитет и нивните лични асистенти, рече Јанковиќ.

Untitled-339_640x360

Таа потенцира дека личната асистенција е насочена кон тоа да му овозможи на лицето со пореченост, до највисок можен степен, да достигне самостоен живот, како активен член кој ќе придонесува во заедницата и општеството. Со неа се намалува зависноста од членовите на семејството и му овозможува на лицето подобрување на социо – емоционалниот живот.

Од корисникот се очекува да биде активен, сам да го одбере лицето асистент, да каже што му е потребно и во кое време.

– Лицето со пореченост презема одговорност,што е во ред. Тој  има право на грешка, доколку не е задоволен може да го промени асистентот или во крајна линија да се одлучи и воопшто да не користи услуги на личен асистент. На крајот на краиштата, акцентот треба да е ставен на тоа лицето со инвалидитет да биде во центарот на вниманието и услугата да биде креирана лицето да биде задоволно и да се зголеми квалитетот на неговиот живот, вели Јанковиќ.

По завршување на тренингот, ќе се премине со пилотирање на услугите. За таа цел, избрани се 9 лица по предлог на институциите кои ги застапуваат интересите на оваа категотија лица и тие ќе бидат дел од следната фаза од проектот.

Инаку, корисник на овој проект е Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија. Целта е да се развијат стандарди, што е во постапка, за пружање на овие услуги во Македонија. Во таа насока ќе треба да се направат и законски промени за воведување на услугата во состав на социјалната заштита.

Проектот е финансиран од Европската унија – ИПА Програмата во рамки на Оперативната програма за развој на човечки ресурси. Присуствуваа претставници на Центарот за социјална работа, Агенцијата за вработување, како и 9 лица со попреченост и нивните асистенти. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука