Охрид, 7. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Домот на култура „Григор Пеличев“ во Охрид синоќа беше претесен да ги прими сите заинтересирани да ја проследат промоцијата на првиот долгометражен филм „Дедо и внук“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски.
Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, успеа да раскаже прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук. Грешките од младоста често знаат да отворат големи дупки подоцна во животот на секој од нас, па посетителите во многу делови од филмот ги препознаа сопствените или проблемите од нивните најблиски и пријатели.
Видно возбуден, режисерот Пиперкоски по проекцијата им се заблагодари на сите за поддршката и порача дека уште од студентските денови сакал да сними комплетен филм во Охрид:
– Голема желба ми беше целосно да снимам филм во Охрид. Мислам дека преку „Дедо и внук“ успеав на некој начин да ја доведам емоцијата на филмското платно на најпрефинет можен начин, рече Пиперкоски.
Пред бројната публика се обрати и продуцентот на филмот Огнен Антов, кој ја претстави бројната филмска екипа, како и филмскиот критичар Ѓоко Симјаноски.
Синоќа во Охрид имавме вистинска ноќ за филмско уживање. Филмот има квалитети за многу повеќе од локалната и националната публика. Приказната е универзална, технички филмот е одлично сработен и заслужува да стигне многу подалеку. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес