Скопје/Охрид, 28. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот документарен филм „Патот на престапникот“ кој во изминативе две години се снимаше во КПД „Идризово“, КПУ затвор „Скопје“ и малолетничкиот затвор „Охрид“, ќе биде премиерно прикажан пред македонската публика.
Како што изјавуваат авторите Александар Ковилоски и Ѓорге Тодоров, и самите вработени во секторот за ресоцијализација во КПД „Идризово“ и КПУ затвор „Скопје“, се работи за филм во кој преку влез во најдлабоките ќошиња од македонските затвори, се анализираат процесите кои водат до девијантно поведение на индивидуата. Во него, преку интервјуа со затворски работници и осудени лица се прави обид да се одговори на вечното прашање: дали човековото криминално однесување може да се поправи и дали ресоцијализацијата во затворите може да го постигне тоа?
Она што го разликува филмот од останатите е тоа што ова е вистински затворски филм кој допира до сржта на проблемите во македонските затвори. Работен е од двајца професионалци со триесетгодишно работно искуство во нив, а пласираните теми и заклучоците од филмот се одлично четиво за секој функционер кој сака да промени нешто во пенитенцијарниот систем.
Со доза на суровост, без светла и шминки, филмот се базира на лични приказни на осудените лица и на професионални согледувања на вработените во затворите.
Премиерата на филмот е закажана на 2-ри април во Кинотека на Македонија, со почеток во 18:00 часот. Филмот трае 31 минута, а влезот за сите посетители е бесплатен. (Крај)
извор: 24.mk фото: 24.mk