Охрид, 19. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од Дебарско-кичевската епархија најавија да не се влегува во вода додека не се започне со Богојавленската песна.
Исто така, Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид, упати апел со повеќе препораки.
Температурата на водата утрово е околу 6 степени, прилично постудена од минатите години, додека температура на воздухот ќе достигне максимални 2 степени.
Од организацијата повикуваат на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе се одлучат да влезат во водите на Охридското Езеро. На верниците им се препорачува да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем. Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат многу кратко. Исто така да не се конзумира алкохол пред влегување во вода, а да се конзумираат топли безалкохолни напитоци.
Доколку скокачите почувствуваат слабост, згрченост или изнемоштеност, треба да се обратат до претставниците на нуркачкиот тим. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива