Охрид, 18. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – „Земја на штркови“ е насловена претставата што ќе се игра премиерно вечерва, од 20:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“, во продукција на Театар Провокација од Скопје.
Претставата е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ на Јана Добрева, а е во режија на Роберт Ристов.
Дејството на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот разделен пред 20-на години, а другиот го живее моментот на разидување од истите причини.
– „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до кое дереџе сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена бела чума, велат од Театар Провокација.
Во претставата играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
„Земја на штркови“ ќе се прикажува и во Свети Николе, Пробиштип, Велес и Скопје. Репризно во Охрид ќе биде изведена на 10-ти декември. Претставата е делумно поддржана од Општина Охрид и од неколку општествено одговорни македонски компании. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива