февруари 13, 2024

Охрид, 13. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, Народен театар Охрид, во сабота, на 16-ти февруари 2023 година, со почеток во 20:00 часот, ќе ја игра претставата „Сергеј е многу глупав“ од Дмитриј Данилов, во режија на Дејана Николовска.

– Во претставата се разигрува ситуација во која се кршат границите на реалноста во животот на еден актуелен современ лик – компјутерски програмер. Навидум едноставна животна ситуација одеднаш се претвора во егзистенцијална ситуација. Курири-доставувачи, неочекувано доаѓаат кај Сергеј и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со него, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина. Од овој момент па натаму, започнува надреалистично шоу кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив. Серјожа не е глупав. Тој е типичен млад обрaзован човек, продукт на еден систем и на едно време. Тој го разбира животот на одредено ниво, како и повеќемината од нас. Тој се плаши од ирационалното кое, кога ќе влезе во нашите животи, треба да се третира соодветно. Во спротивно, може да остави несогледливи последици по животот. Што би направиле вие на местото на Сергеј? Дали би ја отвориле пратката, порачуваат од Центарот за култура.

Во претставата играат: Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Горан Стојаноски, Филип Кипровски и Елизабета Стефановска.

Билетите се продаваат во Центарот за култура по цена од 200 денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука