јуни 17, 2017

Прилеп, 17. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа во Прилеп беше спуштена завесата на 52-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, а за најдобра беше прогласена претставата Трудна приказна“ од Благица Секуловска, во режија на Лидија Дедовиќ на „Театар комедија“.

Оваа претстава освои уште четири награди и тоа за текст, за главна женска улога, како и за машка и женска епизодна улога.

Ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ за изведбата на претставата „Љубовни пози на историјата“, во режија на Наташа Поплавска, ја доби наградата за колективна игра, додека Емил Петро се закити со наградата за сценографија во оваа претстава. Наградата за режија и за современа сценска драматизација ја доби Љупчо Ѓорѓиевски за претставата „Лазаревото писмо“ во изведба на штипскиот театар.

Наградата за најдобра главна машка улога ја доби Јовица Михајловски за улогата на Шајлок во претставата „Венецијанскиот трговец“ во изведба на Драмски театар Скопје Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ замина во рацете на Стефан Вујисиќ за улогата на Порција во „Венецијанскиот трговец“, додека наградата за млада актерка ѝ се додели на Сања Русеска за улогата на Мира во претставата „Хај Фај“ на Театарот од Куманово.

На самата завршница од фестивалот, публиката уживаше во изведбата на мјузиклот „Тајно моја“ на Македонската опера и балет. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука