март 8, 2018

Охрид, 8. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од континуираната соработка со Swiss – IME програмата во областа на стратегиски развој на Охрид како туристичка дестинација, градоначалникот Јован Стојаноски имаше работна средба со нивни претставници како и со експерт од Светскиот совет за одржлив туризам – Global Sustainable Tourism Council (GSTC),  д-р Михи Кан.

Светскиот совет за одржлив туризам ги поставува и управува со глобалните стандарди за одржлив туризам, познати како критериуми за GSTC. Разговорите се водеа во контекст на подготовка на Стратегија за одржлив развој на  туризмот во општина Охрид, а како воведни активности се за критериумите за дестинација на носители на јавната политика и дестинациски менаџери, критериуми за индустрија за хотели и тур-оператори, за водечки принципи и минимални барања кон кои треба да се стреми кој било туристички бизнис или дестинација со цел да ги заштитат и одржат природните и културните ресурси, а во исто време да се стимулира туризмот да ги задоволи своите потенцијали како алатка за зачувување и намалување на сиромаштијата.

Д-р Михи Кан во Охрид престојува неколку дена со цел да ги запознае носителите на туристичкиот развој со стандардите за одржлив туризам  и да  помогне да се направи првична проценка на дестинацијата – Охрид каде директно ќе добиеме препораки за наредните чекори за аплицирање кон некоја марка за еколошка, економска или социјална одржливост на Охрид.

Со поддршка на двете програми, IME и SIPPO, во периодот 16-ти и 17-ти мај оваа година ќе се одржи дводневна обука за одржлив туризам, наменета за претставниците на јавните институции и организации, приватниот сектор и други организации вклучени во процесот на управување со туристички дестинации во Македонија. (Крај)

извор/фото: Општина Охрид  

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука