News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
октомври 28, 2024

Охрид, 28. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Претставници на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Охрид на состанокот на мрежата на ЗЕЛС дискутираше за актуелни состојби во противпожарната заштита.

Мрежата на територијалните противпожарни единици (ТППЕ) при ЗЕЛС, после подолг период, во четвртокот, на 24-ти октомври 2024 година, се состана во административната зграда на Заедницата со цел да продолжи со активностите за лобирање за подобрување на условите на противпожарната заштита во земјата.

– На состанокот, освен командирите на ТППЕ присуствуваа и претставници од Независниот синдикат на пожарникари на Македонија. На првата дискусија што се однесуваше на избор на претседателство на Мрежата на ТППЕ (претседателството брои 8 члена, по еден член од секој од 8-те статистички региони во Републиката), беше заклучено командирите на сите ТППЕ од секој плански регион, поединечно да се состанат и да изберат свој член, како нивен претставник во претседателството, за потоа членовите на претседателството да изберат Претседател и еден Потпретседател на Мрежата. Оваа постапка вака е пропишана со Деловникот на Мрежата кој со последните измени во форма на пречистен текст е на сила од 2015 година. Поради тоа, присутните се договорија изборот да се спроведе на следната седница кога се очекува да присуствуваат и командирите кои на овој состанок не присуствуваа. Се дискутираше и за можноста за промена во Деловникот за работа на Мрежата, во насока да се овозможи избраниот претседател од секој регион да има и свој заменик, со цел обезбедување на поголема флексибилност во активностите, информираат од ТППЕ Охрид.

Додаваат дека во однос на втората точка на состанокот што се однесувала на дискусија за актуелните состојби во областа на противпожарната заштита, присутните биле информирани за иницијативата да се формира нова Работна група (во рамките на Министерството за одбрана) со членови од релевантни институции, меѓу кои и претставници од ЗЕЛС што ќе работат на редефинирање на веќе подготвената Работна верзија за нов Предлог на Закон за пожарникарство.

– Мислењата и ставовите на членовите на Мрежата се од особено значење во овој процес, поради што беше заклучено сите досегашни материјали и ставови преку ЗЕЛС ќе им бидат доставени на командирите за да подетално се запознаат и дискутираат на оваа тема на следниот состанок. Беа информирани дека досега во рамките на ЗЕЛС е утврдена документ „Отворени прашања во областа на противопжарната заштита на локално ниво“, каде во 19 точки се изнесени сите најзначајни предизвици со кои се соочуваат ТППЕ во земјава и истиот може континуирано да се надградува. Станува збор за прашања од работен однос на пожарникарите; нивните звања; образовниот дел и надградувањето; опременоста/неопременоста на ТППЕ; набавка и баждарење на опремата; распределбата на средства за финансирање на противпожарната заштита и други прашања што се важни за соодветно функционирање на овие единици. Присутните го отворија и прашањето на идниот развој и припадност на ТППЕ. Поточно беа изнесени видувања на функционирањето на овие единици во периодот кога биле во рамките на Министерството за внатрешни работи, потоа од 2005 во рамките на единиците на локална самоуправа и за начинот на нивното финансирање. Беше изнесено мислење дека можеби треба да се размислува да се лобира за отворање на посебна Агенција за противпожарна заштита во рамките на Владата, што би понудила поголема самостојност во управувањето со противпожарната заштита во нашата земја. Особено од аспект на обезбедување на соодветна опрема, потребен возен парк и услови за работа, наспроти досегашните несоодветни распределби што ги спроведуваат актуелните институции, потенцираат од ТППЕ Охрид.

Следната седница на мрежата се очекува да се одржи во текот на месец ноември до кога до ЗЕЛС треба да бидат доставени записниците од одржаните поединечни средби на командирите во рамите на секој регион посебно, со кои на потпис до ЗЕЛС ќе бидат доставени предлозите за избор на членови на Претседателството на Мрежата, за ова Претседателство да биде потоа ставено на гласање и избрано со мнозинство од сите присутни членови на Мрежата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука