април 25, 2017

Охрид, 25. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре во Хотелот „Милениум Палас“ во Охрид, од 11:30 часот до 14:30 часот, ќе се одржи информативниот настан во рамки на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра регулатива” – на тема „Права и обврски кои произлегуваат од законот за работни односи и колективни договори”.

– Информативните настани ги организираме во повеќето градови. Утре ќе бидеме во Охрид. Предавач во Охрид ќе биде Снежана Петковска, која работи како адвокат за деловно право. Поканети се фирми од Охрид и регионот. Присуството е бесплатно. Темата се однесува на работните односи, а настанот ќе биде наменет за компании, мали и средни претпријатија, информира Елена Столеска од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

Информативниот настан е во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, во соработка со Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и ЕПИ Центар Интернационал.
Целта на овој информативен настан е информирање на претпријатијата во Република Македонија за полесно спроведување на законите и паралелно јакнење на јавно-приватниот дијалог. Наменето е за сите микро, мали и средни претпријатија кои се соочуваат со тешкотии во имплементирањето на самите закони. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука