Скопје/Охрид, 29. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска разговарал за приоритетните прашања со кои што се соочуваат локалните власти на средбата со градоначалниците на општините од Југозападниот плански регион.
Како што соопштија од владината прес-служба, министерот Перински истакнал дека најважно е да се приоретизираат потребите на граѓаните и со добри проекти ќе се пристапи кон нивно ефикасно решавање.
– Владата обезбеди средства и решавањето на потребите на граѓаните за нас е приоритет, затоа општините треба да покажат подготвеност за ефикасна реализација на расположливите сто милиони евра само за оваа година, се додава во соопштението.
На состанокот било истакнато дека министерството за локална самоуправа ќе ги обезбеди сите услови процесот на прибирање на проектите и нивната проверка да биде ефикасен и транспарентен.
Од страна на претставниците на локалните самоуправи било истакнато дека ќе аплицираат на повикот со цел да се обезбеди реализација на покрупни капитални инвестиции, пришто беа посочени проекти од типот пречистителна станица за село Трпејца во Охрид, водоводен систем за село Сланско во Македонски Брод и пат Пласница-Преглово-Дворци-Лисичани во Општина Пласница како дел од инвестициите за кои општините ќе аплицираат. (Крај)
извор: МИА фото: архива