Охрид, 20. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Рајнхард Прибе, раководителот на комисијата што во име на ЕУ во 2015 година го подготви списокот на неопходните реформи кои земјава треба да ги преземе за да го надмине застојот на патот кон зачленување во ЕУ, в петок во Охрид ќе одржи предавање на Охридската школа на природното право „Демократија и владеење на правото“.
Неговото пристигање во земјава вчера вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, го најави за следниот вторник, но Прибе ќе пристигне порано за да учествува на конференцијата во Охрид во организација на МАНУ. Засега не е познато дали тој ќе има некои средби со политичари и со функционери.
Предавањето што ќе го одржи експертот на ЕУ е насловено „Демократија, владеење на правото и човекови права – релевантноста на вредностите на Европската Унија за земјите кандидатки“.
На школата која трае цела седмица, предавања ќе одржат професори од правните факултети од земјава, а ќе учествуваат и министерот за правда, Биљен Салији, и специјалните обвинителки Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива