Белчишта, 15. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Градежните зафати и активностите на проектот за реставрација на водотекот на реката Сатеска и нејзино пренасочување во природното речно корито во делот на Општина Дебрца се одвиваат согласно предвидената динамика и се во завршна фаза.
Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, појасни дека дел од активностите на терен се веќе завршени, а останатите се во завршна фаза, кога станува збор за трасата во рамки на Општината Дебрца.
– Некои од зафатите во рамки на проектот се целосно завршени, како на пример готова е разделната градба на водотекот кај селото Волино, како и таложникот за собирање нанос што го носи реката заедно со преливникот. Во моментов се работи на уредување на речното корито низводно, рече Ногачески за МИА.
Инаку, станува збор за важен проект за Охридскиот регион како подрачје заштитено од УНЕСКО, што предвидува реставрирање на природното речно корито на реката Сатеска, нејзино враќање кон природниот тек со влив во реката Црн Дрим.
Меѓу другото се спроведуваат активности за враќање на меандрираното корито со продлабочување, вадење на наносот, чистење на коритото од отпад и зеленило, оформување на оштетените насипи на потегот од разделната градба кај село Волино до границата помеѓу општина Дебрца и општина Струга, во должина од 3.382 метри.
На водотекот кај Волино е изградена брана од армирано-бетонска конструкција, со затварачи за регулирање на протокот. Низводно од разделната градба на природното корито на река Сатеска е изграден простор за таложење на нанос, со активен волумен на таложење од 11 640 метри кубни, наменет за зафаќање на количините на нанос што би се транспортирале со реката Сатеска, како и изведба на стабилизациони и каскадни прагови.
Ногачески појасни дека проектот се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Министерството за животна средина и просторно планирање, урбанистичко планската документација ја донесе Општина Дебрца. Средствата се обезбедени од Фондот за адаптација во рамките на Регионалниот проект за прекугранично управување со ризици од поплави во сливот на река Дрим.
Според сегашната динамика на извршувањето на работите на терен и договорот со изведувачот ДООЕЛ „Маркоски К 73“ од Струга, се очекува предвидените градежни активности да бидат заокружени наредните месеци.
Решавањето на проблемот со река Сатеска е една од 19-те препораки на Реактивната мисија на УНЕСКО за Охридскиот регион. Конкретниот проект, што макар парцијално ќе го реши проблемот на реката Сатеска како загадувач на Охридското Езеро, е активност во насока на исполнувањето на препораките за зачувување на заштитениот статус на Охридскиот регион како светско природно богатство. (Крај)
извор: Опсервер фото: архива