Охрид, 16. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со чартер на холандскиот туроператор „ТУИ“, на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ слета првата група холандски туристи за сезонава.
Охрид и убавините се непресушен извор за истражување за холанѓаните. Меѓу туристите кои допатуваа денес имаше такви кои за првпат се во Охрид, а други кои биле дури и неколку пати. Според најавите од ТУИ оваа година на охридскиот аеродром ќе има четири чартер летови неделно од Холандија и два од Велика Британија.
Првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, рече дека во првиот квартал годинава остварени се 22% повеќе ноќевања на туристи од Холандија во споредба со истиот период од 2019 година, што се потенцира како најдобра досега.
– Се истакнуваат неколку дестинации , тоа се туристите од Турција, Португалија, Србија, Босна и Херцеговина, Холандија, Романија, каде имаме подобри резултати споредбено со 2019 година, рече Јаневски.
Извршниот директор на ТУИ Холандија, Аријан Kерш истакна дека низ годините Mакедонија е особено интересна дестинација за холандските туристи
– Задоволни сме што сме тука повторно и што интересот на Холанѓаните е навистина голем, за што потврда е целосно исполнетиот прв лет. Се надевма ова лето да ги надминеме бројките од 2019 година која беше најдобрата што сме ја имале, така што уште еднаш, се надеваме дека ќе имаме задоволни туристи, вели Керш.
Со ова, но и со најавените нови авио линии очекувањата се да бидеме во чекор со светските туристички текови, сé со цел зголемување на бројот на странските туристи, а со тоа и зголемен девизен прилив по основ на туризам. Прогнозите на АППТ за годинава се над 3,2 милиони ноќевања и 500 милиони долари од туристички промет оваа година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива