Скопје, 19. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Студентите од Градежниот факултет денеска прогласија бојкот на наставата, а најавија и автономна зона во нивниот дел на факултетот.
-Дозволете да бидеме скептични на нивните ветувања, дозволете да бараме гаранција за она што е ветено, дозволете да им покажеме дека трае оваа студентска автономна зона преку алтернативен курикулум, дека може нашето образование да биде квалитетно без притисок од државата, порачаа Пленумци пред Градежниот факултет.
Ова е девети ден од окупацијата на сите факултети на УКИМ, а студентите велат дека немаат намера да попуштат се додека власта не им даде цврста гаранција дека сериозно ги разгледува нивните барања.
Тие бараат да се потпише спогодба помеѓу Интеруниверзитетската конференција и Министерството за образование и наука која ќе опфаќа: загарантирано учество на Студентскиот пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи. Формирање на работни групи во кои членовите од Студентскиот и Професорскиот пленум ќе бидат рамномерно застапени, како и рокови за изработка на прв и втор Нацрт на законот.
Освен блокада на редовната настава, студентите спијат во автономните зони на Филозофскиот, Машинскиот, а од вчера и на Архитектонскиот факултет. Вечерва, за првпат студентите ќе преспијат и на Градежниот факултет. (Крај)
извор: Нова Тв фото: архива