Охрид, 29. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Предлог – програмата за поставување и утврдување на висината на надоместокот за урбана опрема на подрачјето на општина Охрид за годинава е меѓу точките на дневен ред на денешната седница на градскиот совет.
Охридските угостители незадоволни, побараа стопирање на предлог одлуката за новите тарифи за поставување урбана опрема и начинот на нивно спроведување. Според нив надоместокот е номинално покачен, а не била наведена висината и начинот на пресметување на комуналната такса, издаток кој законски гледано се пресметува на дневна основа. За угостителите дополнителна компликација во одлучувањето за колкав период да го земат под закуп просторот пред објектот е и фактот што не е извесен исходот на нивниот предлог за измена на Законот за пушење, кој во моментов е во собраниска процедура.
Покрај тоа советниците ќе се произнесат и по Предлог-одлуката за предлагање за прогласување на чинарите во поширокото градско подрачје во Општина Охрид и кочеџикот во дворот на црквата Св. Богородица Перивлепта во категорија – споменик на природата.
На дневен ред се и предлог одлуките за спроведување мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги, формирање штаб за заштита и спасување, за одобрување финансиски средства за материјално-финансиска поддршка на спортски клубови на подрачјето на општина Охрид за 2018 година, а предвидено е да се разгледуваат и предлог одлуките за разрешување и поставување нови членови на одборите во основните, средните училишта и детската градинка „Јасна Ристеска“.(Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес