јули 1, 2019

Охрид, 1. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – МАНУ, дел од своите активности, веќе ги префрли во Научниот и истражувачки центар во Охрид, во Куќата на Уранија (МАНУ).

Вчера заврши првата манифестација – Работилницата на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика, при МАНУ, како прва активност од традиционалната манифестација – Научната и уметничка визита на МАНУ – Охрид 2019“.

Веќе од денес стартува, традиционалната, годинава петта по ред, Охридска школа по природно право, која ќе трае до 7-ми јули. Ќе се дискутира за „Предизвиците во реформата на правниот, политичкиот и безбедносниот систем во Република Македонија“. На отворањето на Охридската школа по природно право, денес ќе се обратат Челси Шинор, правен советник на Амбасада на САД Скопје, академик Таки Фити, претседател на МАНУ, Арбер Адеми, министер за образование и наука и академик Владо Камбовски, раководител на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ. Свои излагања на школата ќе имаат врвни експерти од областа на правото, економијата и науката од земјава и регионот, како и претседателот на Собранието Талат Џафери. Непосредни организатори се Охридска школа на природното право, односно Центар за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“.

До крајот на јули, во рамките на Научната и уметничка визита – Охрид 2019, ќе се одржи Изложба на стари фотографии од Курт Хејлишер, со почеток од 9-ти јули, потоа The Art of Power, оперска ноќ со Влатко Груевски – тенор и Андреја Наунов, уметнички соработник, пијано (15-ти јули), како и предавање на академик Шабан Синани, потпретседател на Албанската академија на науките: „Кочо Рацин – Никола Ѓерѓ Миѓени, една балканска поетска паралела“ (26-ти јули).

Во рамките на летните активности на МАНУ, на истотоместо, во во Куќата на Уранија во Охрид, на манифестацијата Научна и уметничка визита Охрид – 2019, која трае и во август, ќе се одржуваат научни средби, изложби и промоции на членовите и центрите на МАНУ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука