Охрид, 26. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат „Охридските приказни“ во „Форт Кафе“, овој четврток со активистот за подигнување на гласот за лицата со ретки болести Гордана Лолеска.
– Гордана Лолеска е мајка на три деца, ќерката Емилија и близнаците Андреј и Давид. Личниот животен предизвик наречен „Алпорт“ го преточи во борба за правата на сите лица и нивните семејства кои секојдневно се соочуваат со некоја ретка болест. Нејзиното четврто чедо е проектот „Ги запознаваме ретките болести“, проект роден и израснат во Охрид, но патува во соседството, Европа и преку океанот и веќе 4 сезони ја запознава јавноста со ретките болести. Личната приказна и борба ја објавуваат светски списанија, нејзината работа е прикажана на светски конгреси и конференции, со што Гордана преку гласот и борбата за ретките го прави Охрид препознатлив по својата хуманост, гордост, заедништво и реткост. Бескрајната упорност и посветеност на својата кауза јавноста ја препозна, а Охрид ја награди со повелбата „Св. Климент Охридски“ – Патрон на Охрид, информираат од „Форт Кафе“.
Со неа ќе разговараме каков сакаме и каков може и треба да биде Охрид, затоа што Охрид сме сите и сите сме Охрид.
– Повелете на 29-ти септември 2022 година, од 19:00 часот, во „Форт Кафе“. З’ш Охрид е градска приказна, потенцираат од „Форт Кафе“.
„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing