Охрид, 6. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – И понатаму се намалува нивото на водата во Охридското Езеро.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,26 м.н.в, што е за 2 сантиметри под просекот за октомври (693,28 м.н.в), односно 16 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 16 степени.
Во приобалниот дел на неколку места веќе се забележливи суви делови. Трендот на пад на нивото продолжува. Од почетокот на месецов водостојот е намален за два сантиметри. Ваквата состојба ги остави и Билјанините извори без вода.
Во Охрид денес сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 21. степени.
– Следува период на стабилно време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. Од сабота по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР