Охрид, 4. јуни 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охрид со негативен природен прираст и во 2021 година, непопуларен тренд што го имаше и лани во текот на цела година. Корона пандемијата си го зема данокот.
Според податоците на Државниот завод за статистика во првите три месеци имало 90 новороденчиња, а починати се 280 лица, од кои едно новороденче. Според ова Охрид има природен прираст од -190.
Со негативен прираст Охрид беше и во цела 2020 година. По тримесечја во првото се регистрирани 100 новороденчиња, а бројката на починати лица е 162, во второто се родиле 102 новороденчиња, а имало 158 починати, меѓу кои 2 бебиња, во третиот квартал имало 114 новороденчиња, а бројката на починати лица е 147, додека во последното тримечје се родиле 120 бебиња, а починале 278 лица.
Во првиот квартал од годинава во Струга се родиле 118 бебиња, починале 160 лица, од кои едно новороденче и има прираст од -42.
Во општина Дебрца во анализираниот период се родени 4 бебиња, а починале 28 лица.
Што се однесува до бројот на склучени бракови, во Охрид судбоносното „да“ го кажале 65 двојки, а имало дури 24 разводи. Во соседна Струга нешто повеќе бракови, 97 и 27 разводи, додека во Дебрца не се евидентирани ниту бракови, ниту разводи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива