јануари 28, 2020

Скопје, 28. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на денешната 5-та седница донесе одлука да продолжи проектот за пренасочување на течението на реката Сатеска.

За овој зафат стручната јавност дебатира веќе подолго време, а последниот конкретен чекор беше во септември 2018 година, кога раководителот на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската унија Никола Бертолини, во рамките на посетата на Охрид, на лице место ја разгледа локацијата и беше запознаен со Проектот за враќање на реката Сатеска во старото корито.

Во друштво на тогашниот прв човек на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески и нивниот струшки колега Рамиз Мерко, Бертолини беше запознаен со предизвиците на овој проект.

– Овде, во регионот на Охрид и Струга најдовме одлична комбинација на локална посветеност со интернационална поддршка. Многу често помагаме вакви проекти, затоа што животната средина е исклучително важен сегмент во животот на граѓаните. Ова е вистински одговор на вакви прашања и ние сме многу среќни поради тоа, истакна тогаш Бертолини.

Реката Сатеска во далечната 1961 година беше пренасочена од нејзиното природно корито и наместо да се влева во реката Црн Дрим, таа веќе шест децении се слева во Охридското Езеро. Причините за таквиот зафат беа за да се оневозможи внесување талог во акумулацијата „Глобочица“, за мелиорација односно исушување на Струшкото Блато и да се зголеми потенцијалот на водата од Охридско Езеро за производство на електрична енергија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука